Нов срам на „талентите": И Турција не' згази, цела четвртина не дадовме ниту еден кош!

Релативно доброто прво полувреме, македонската младинска репрезентација го уништи со катастрофалниот втор дел од мечот против Турција, во второто коло од Европското првенство во Полска.

Турците славеа со 90-55 што е втор убедлив пораз на Македонија на овој шампионат, па утре против Белгија, нашите кошаркари ќе се борат за третото место во групата. Нашите млади кошаркари добро му парираа на противникот во првите 20 минути, на минута пред крајот беше израмнето (38-38), а потоа застанаа.

Во следните десет минути, македонската репрезентација не успеа да постигне поен, Турција во тој период направи серија од 22-0 и отиде на убедливи 60-38. Третата четвртина Турците ја добија со 22-2 при што поентираше само Теодор Симиќ од линијата за слободни фрлања, а во цело второ полувреме Македонија постигна вкупно 15 поени.

Тома Стојановски беше најдобар играч во македонската репрезентација со 12 поени и 8 скока, а двоцифрен ефект имаше само уште Бојчев - 10.