Нов блесок на Македонецот: „Малиот“ Симиќ го растури големиот Олимпијакос!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Теодор Симиќ (18 години) одигра фантастично во денешната убедлива победа на неговата Барселона во пресметката со Олимпијакос (84-59) на турнирот од јуниорската Евролига, кој се одржува во грчкиот град Патра.

Еден од најталентираните европски центри за само 16 минути на паркетот постигна 20 поени (1/3 за 3п, 7/8 за 2п, 3/5 за 1п), што е негов личен рекорд во третата сезона во која настапува во ова младинско натпреварување. Тој имаше и осум скока со една асистенција и вкупен индекс на успешност 25.

На Барселона ѝ останува уште утрешниот дуел против Макаби кој е директен за првото место во групата бидејќи двете екипи имаат 2/0 по првите две кола.