Војдан Стојановски кариерата ја продолжува во Германија!
Ова денеска беше потврдено од управата на клубот кој минатата сезона ја заврши на седмата позиција на табелата во Бундес лигата и кој сосема солидно настапуваше во Лигата на шампионите на ФИБА. За Стојановски ова ќе биде враќање во добро познато првенство со оглед што веќе настапуваше две години во Германија и тоа во дресот на Алба (2013-2015).
„Војдан ќе биде големо засилување за нашиот тим, бидејќи секогаш е добредојдено да се има кошаркар со неговите квалитети и искуство. Може да игра на позициите 'два' и 'три', а човечките квалитети исто така му се исклучителни како и играчките, па не случајно е и лидер на македонската репрезентација“, вели тренерот на Олденбург, Младен Дријенчиќ.
Репрезентативецот минатата сезона беше дел од турскиот прволигаш Бујукчекмеџе, а досега во кариерата има настапувано уште и за шпанските екипи Андора и Реал Бетис, украински Черкаси мавпи и Доњецк како и за српски Напредак од Крушевац. Во Македонија играше за Вардар, АМАК-СП и за Фени индустри.