Македонските кошаркари нема да се „офајдат“ од допинг-суспензијата на Русија!

Суспензијата на руските спортисти од големите спортски настапи во следните четири години, која денеска е главна тема во светските медиуми, нема да донесе некаков бенефит за македонските кошаркари, кои со „зборнаја“ се во иста квалификациска група за пласман на ЕП 2021.

Според објаснувањето од Светската анти-допинг агенција (ВАДА), оваа забрана ќе важи за Олимписките игри в година во Токио и фудбалскиот Мундијал 2022 во Катар, но е и за Европското првенство (ЕП) во фудбал, кое се смета за „натпреварување од мал карактер“. Тоа значи дека руските кошаркари непречено ќе може да настапуваат во квалификацискиот циклус за следниот кошаркарски континентален собир и тоа како еден од фаворитите за настап на него.

Македонија и Русија се во групата Б, заедно со Италија и Естонија, од која три селекции ќе обезбедат пласман за настап на ЕП. Но, со оглед што Италијаните се едно од организаторите на овој настан и веќе имаат обезбедено виза, што значи дека останануваат само уште две места за кои ќе се борат останатите национални тимови. Во таков однос на силите, Русите се главни фаворити, додека жолто-црвените се очекува шансата да ја бараат во мечевите со стариот должник од Балтикот.

Квалификациските дуели почнуваа во февруари следната година, кога македонските репрезентативци прво ќе ги пречекаат токму Естонците (20 февруари), па ќе ѝ одат на гости на Русија во Перм (23 февруари). На нешто повеќе од два месеци до почетокот на овој натпреварувачки циклус, во кој го бркаме шестиот настап на ЕП, Македонија сѐ уште нема селектор.