Македонија со повредениот Димитријевиќ ќе ја нападне Естонија!

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, реши да не го менува составот што вчера дојде до победа со Италија (15 часот), прва во квалификациите за пласман на ЕП 2022, и во денешниот пресуден меч со Естонија да влезе со истите 12 кошаркари кои нѐ оставија во живот за место на следниот континентален собир.

Тоа значи дека Теодор Симиќ и Лука Савичевиќ повторно ќе бидат во записникот, но што е најважно, на паркетот ќе истрча и Ненад Димитријевиќ, кој се повреди во финишот од вчерашниот дуел со „аѕурите“. Засега не е познато дали ќе игра против Естонците, но со оглед на важноста на натпреварот, сите веруваат дека популарниот Нено ќе стисне заби и ќе помогне жолто-црвените да дојдат до најважниот триумф во последните пет-шест години.

Мора да се знае дека обичен триумф не ѝ врши работа на Македонија, туку евентуалната победа мора да биде остварена со најмалку десет поени разлика, со цел да се анулира негативата од првиот меѓусебен меч во Скопје, во кој противникот од Балтикот славеше со 81-72.

Дамјан Робев, Лука Савичевиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Бојан Трајковски, Теодор Симиќ, Џејкоб Вајли, Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски, се играчите кои ги одбра Тодоров за денешниот натпревар.