Македонија одигра ужасно, загуби убедливо, ама се пласира во квалификациите за ЕП 2021!

Кошаркарската репрезентација на Македонија конечно се враќа во европската елитната конкуренција, откако вечерва и покрај поразот на гостувањето кај Романија (53-65), сепак, успеавме да го задржиме првото место во групата, а со тоа и да обезбедиме пласман во квалификациите за ЕП 2021.

Жолто-црвените во Плошети загубија со помала разлика отколку што го победија истиот ривал во првиот меч во Скопје, што им носи предност при ист број бодови на крајот од претквалификациите, што е максимумот до кој би можеле да дојдат Романците. Македонската селекција овој циклус го завршува со учинок 3-1, додека противникот има 2-1 и уште еден натпревар пред себе, в понеделник против Косово во Приштина, кој ќе нема никакво резултатско значење.

Но, начинот на кој вечерва одиграа избраниците на селекторот Јорданчо Давитков не дава надеж дека би можеле да направиме нешто повеќе во друштвото на најдобрите 32 екипи на Стариот континент. Нападот ни беше ужасен, за што доволно говори бројот на постигнати поени, а под кошевите бевме инфериорни (37-51) дозволувајќи му на ривалот дури 20 офанзивни скока. Најголема наша среќа беше што Романија е далеку од некоја висока класа, бидејќи секоја малку подобра европска селекција и тоа како ќе знаеше да ја казни нашата лоша игра речиси во сите сегменти.

Македонија си играше со оганот, па по релативно добриот старт (8-3), му дозволивме на домаќинот да ја презеде контролата врз играта и резултатот. Романците трпеливо градеа, играа во серии, се бореа и во последната четвртина дојдоа многу блиску до посакуваната позитива од 14 поени која ќе им го донесеше првото место. Неколку грешки во низа на жолто-црвените му дозволија на домаќинот првпат да дојде до двоцифрена предност, па дури и на една топка до посакуваната цел (57-46).

Во последните две минути следевме вистинска драма, со оглед што Романија во последната минута дојде до чекор од рајот, односно до позитива од 13 поени (65-52), а потоа имаа и напад да ја остварат целта. Но, на наша среќа, Американецот Вотсон го промаши клучниот напад, а потоа и имаше и нерезонско додавање при вториот обид, откако Ричард Хендрикс постигна само едно слободно фрлање.

Дамјан Стојановски со 13 поени и Војдан Стојановски со 12 поени и осум скока беа најдобри во македонската селекција, додека противникот имаше двајца со дабл-дабл ефект и тоа Емануел Каце со 12 поени и 13 скока (седум во напад) и Роланд Торок со 12 поени и 10 скока.