Македонците се „безгласна буква“ во првенството, во сѐ доминираат - странците (ФОТО)

Националната селекција на Македонија за десетина дена ќе одигра два меча (дома и гости) против Литванија, од кои во многу ќе зависи евентуалниот пласман на ЕП 2025, а во кои репрезентативците од домашното првенство ќе влезат во најблаго кажано лоша форма, барем ако се суди според статистиката од првите шест кола од Првата лига.

Ниту еден македонски кошаркар не е меѓу петте најдобри во трите најважни статистички категории – просекот на поени, скокови и асистенции, што е доказ за доминацијата на странците во досегашните прволигашки натпревари, но и главоболка за селекторот Александар Јончевски, со оглед што освен Ненад Димитријевиќ, Шортс и Хоуп, сите други негови кандидати играат на домашна сцена. Американецот Мајкл Грин од Тиквеш со вкупно 159 поени е најпрецизен досега, додека неговиот сонародник Девон Грент (Феникс) има најдобар просек од 28,3 поени од три одиграни средби. Меѓу најпрецизните се уште Андрија Стевановиќ (Кожув), Исаја Кели (Чаир) и Фран Пилепиќ од Кожув.

Бенџамин Стивенс со просек од 11,6 скокови е најдобар скокач, а Кели е зад него со 10,3 скока, со што е единствен во лигата со дабл-дабл просек. Србинот Тадија Тадиќ, пак, од МКК Куманово е најдобар додавач со 7,6 асистенции во просек додека зад него е Грегори Трибл од Шкупи. И во оваа, како и во претходните две категории најдобрите петмина се интернационалци. Само двајца македонски кошаркари се лидери во некоја од статистичките категории и тоа Максим Митевски (Гостивар), кој минува најмногу време во игра (38 ипол минути во просек), како и Стојан Ѓуроски, кој со 92,3-отстотна прецизност е најдобар пеналџија.

По шест одиграни кола, ТФТ е единствен непоразен тим со кор 6-0, зад него се Чаир 2030 и Пелистер со 5-1, па следуваат МЗТ Скопје и Работнички со 4-2. Најдобрата шесторка ја заокружува Кожув со учинок 3-3.