Лечиќ верува во новата Македонија: Имаме млад и полетен тим кој може до ЕП 2021!

Лазар Лечиќ, кој важи за основоположник на македонската кошарка, во кариерата минал многу работи па и бил на кратко и селектор на Македонија, поради што денеска дојде на тренингот на сегашните репрезентативци да им даде поддршка пред стартот на квалификациите за ЕП 2021.

Жолто-црвените првиот од двата меча во февруарскиот репрезентативен прозорец на ФИБА ќе го одиграат задутре и тоа на домашен терен против Естонија (20.15 часот, сала „Борис Трајковски“, а три дена подоцна ќе ѝ гостуваат на силната Русија. Во нашата група е и Италија, која како еден од домаќините на следниот континентален добир веќе има обезбедено пласман, поради што борбата за преостанатите две европски визи ќе биде уште пожестока, а секоја победа – злато вредна.

Тоа го знае и популарниот „Грк“, кој првпат на дело ја виде новата и драстично подмладена национална селекција, чиј просек е нецели 25 години и со стручен штаб чија просечна старост е само десет години повеќе.

„Пријатно сум изненаден, пред сѐ од фактот што пред себе гледам една полетна екипа, со голем број млади кошаркари и со млад стручен тим. Мислам дека имаме одличен состав, на кого му посакувам успешен старт во квалификациите. Верувам дека ќе го израдуваат овој наш народ со победа против Естонија, а мислам дека имаат сили да дојдат и до крајната цел, а тоа е пласманот на ЕП 2021. Сите заедно треба да ги подржиме овие момчиња“, порача Лечиќ.

Избраниците на новиот селектор Александар Тодоров од четвртокот се во сала, работејќи напорно со цел да дојдат до оптимална форма пред двомечот со поранешните советски републики. Ова се исклучително важни средби за нас, особено воведната со Естонците од која ќе зависат многу работи во продолжението од квалификациите.