Куртинаитис со еден евролигаш и со четворица странци ќе ја нападне Македонија!

Новиот селектор на кошаркарската репрезентација на Литванија, Риманс Куртинаитис, го објави составот на тимот за натпреварот против Македонија, кој ќе се одигра на 21 ноември во Скопје во рамки на квалификациите за ЕП 2025.

На списокот се најдоа имињата на 12 играчи, од кои осум доаѓаат од домашното првенство, а останатите четворица настапуваат за странски клубови. Куртинаитис одбра петмина од шампионот Ритас Вилнус и тоа Маргирис Норматас, Мартинас Палиукенас, Гитис Раџевичиус, Гитис Масиулис и Чуолас Тубелис, а повикани се уште Лукас Лекавичиус од Жалгирис, Криступас Жемаитис од Вулвс Вилнус и Лауринас Белиаускас од Јувентус Утена. Двајца од репрезентативците доаѓаат од Италија (Освалдас Олисевичиус и Еимантас Бенџиус), додека Мартинас Еходас и Миндаугас Кузминскас играат во Турција односно Грција.

„Ги избравме најподготвените и оние кои можеа да се приклучат на репрезентацијата. Овој прозорец ќе биде посветен на играта и тимската борба, бидејќи времето за подготовка е многу кратко,“ изјави Куртинаитис.

Тој додаде дека Артурас Гудаитис првично бил повикан, но поради повреда нема да игра овој пат. Литванците ќе се соберат на тренинг камп во Вилнус на 18 ноември, каде ќе започнат со подготовките за дуелот со Македонија. Двете селекции месецов ќе одиграат уште еден меч и тоа во Клаипеда на 24 ноември.