Кошаркарите на Шпанија со шестиот триумф во низа на Светското првенство (СП) во Кина, овој пат над селекцијата на Полска (90-78), ја остварија примарната цел, а тоа е пласман во полуфиналето, но истовремено и како прва европска селекција обезбедија пласман на олимпискиот турнир во Токио следната година.

„Црвената фурија“ рутински го скрши отпорот на едно од најпријатните изненадувања на Мундобаскетот и без никакви проблеми го продолжија походот кон еден од медалите. Избраниците на селекторот Серхио Скариоло водеа во текот на сите 40 минути, а заедниот удар го зададоа со серијата 11-0 во втората половина од последната четвртина кога дојдоа до највисоки на мечот плус 15 (87-72).

Рики Рубио со 19 поени и девет асистенции беше најпрецизен кај Шпанија, каде што Вили Ернангомез постигна 18 поени, додека Слотер со 19 поени беше најефикасен кај Полска.

Претходно денеска, Аргентина беше подобра од Србија (97-87), а вторите две четвртфинални средби ќе се одиграат утре и тоа помеѓу САД и Франција (13 часот), односно помеѓу Австралија и Чешка (15 часот).