Кошаркарите ќе имаат еден незгоден ривал помалку на патот кон ЛОИ 2024!

Македонската кошаркарска репрезентација во август ќе го почне долгиот пат, кој би можел да заврши со историски настап на еден олимписки турнир и тоа во претквалификациите за ЛОИ 2024, во кои ќе имаат еден незгоден ривал помалку и тоа од регионот.

Станува збор за селекцијата на БиХ, со која изминативе три децении сме воделе многу „војни“ на паркетот и против која имаме слатки победи, но и ептен горчливи порази. Босанците на состанок на раководството решиле да не се пријават во претквалификациите иако имаат право за тоа како учесници во квалификациската фаза на СП 2023 од причина да заштедат пари. Истовремено, знаејќи дека средбите ќе се играат во незгоден термин, кога кошаркарите одмараат и кога е тешко да се обезбедат најдобрите, тие сметаат дека е подобро да направат камп со тие чие време допрва доаѓа наместо да губат време и пари во мисија која се свесни дека е речиси невозможна.

КФМ се уште се нема изјаснето дали жолто-црвените ќе играат во овие први историски претквалификации за настап на олимписки турнир, но засега не постојат никакви најави дека би можеле да ја пропуштат оваа можност, без разлика на лошиот термин, кој ќе бара подготовките на кошаркарите во текот на месец јули. Македонија еднаш веќе играше за пласман на Олимписки игри и тоа на квалификациите во Венецуела за ЛОИ 2012 во Лондон, но тогаш потклекнавме во четврт-финалето против Доминиканска република.