КФМ експресно одговори: Норвежаните џабе плачат, сами си избраа да спијат во казино!

Пишувањата на официјалната интернет-страница на Кошаркарската федерација на Норвешка во кои се напаѓаат предводниците на макбаскетот за лошата организација на нивниот вечерашен дуел против Македонија (19 часот) и изборот да бидат сместени во казино-хотел и да играат во мал град со истрошена сала експресно добија одговор од Перо Антиќ и соработниците.

Првиот луѓе на македонската кошарка се зачудени од ваквите тврдења, велејќи дека во нив нема ништо точно и сето ова го оценуваат како притисок за реализација на само ним познати намери. Од КФМ велат дека Норвежаните доби листа со неколку хотели, но самите одбрале да бидат сместени во еден од најубавите во тој дел од државата, каде што според нивните тврдења „морале да минат низ зачадена просторија со стотина апарати за коцкање за да стигнат до местото за јадење“. Соопштението од Куќата на кошарката ви го пренесуваме во целост.

„Согласно пропозициите за натпреварување ФИБА, ги спроведовме потребните активности поврзни со реализација на средбите со Норвешка и на Данска. Сакаме да ја информираме јавноста, дека зборовите од националната федерација на Норвешка поставени на нивниот веб-сајт поврзано со условите во Гевгелија, каде вечерва ќе се игра натпреварот, звучат како неверојатни. А уште повеќе како обид на гостинската делегација да се направи дополнителен притисок во реализација на некои само ним познати намери. Вистината е сепак малку поинаква...

Норвежаните имаа слободен избор и на транспортот и на сместувањето во Гевгелија. Преку нашата канцеларија, во определениот временски рок, беа информирани за сите детали поврзани со одигрувањето на натпреварот. Тие, а не ние, одлучија сместувањето да биде во еден од казино-хотелите, кој е меѓу најреномираните во нашата земја од највисока категорија со пет ѕвездички. Како секогаш добри домаќини, им беа понудени неколку солуции. Но, одлуката, што каде и како, беше исклучиво нивна.

Нашата федерација (на)прави се, гостите од Норвешка да се чувствуваат како да се дома. Оттука зачудува нивниот, помалку и непријателски однос кон сите оние напори кои ги направи нашиот тим, вклучително и нашите пријатели од општина Гевгелија, во изминатиот период, овој меч да биде реализиран на највисок можен стандард, одборено од страна и на официјалните лица на светската кошаркарска федерација, во прв ред делегатот на натпреварот. За оние кои го оцрнија сиот овој организациски однос oд наша страна, би сакале да им кажеме дека проблемите треба да ги бараат на друго место. На пример, во нивните редови, особено ако се знае, какви услови нудат тие како домаќини на натпреварите на кои се во улога на домаќини.

Односно гостите да бидат сместени во град (Берген) кој е со стотици километри одалечен од најблискиот аеродром до кој се стигнува од разни дестинации од Европа. Дека е потребно вистинско мало чудо да се дојде до таа дестинација, одредена за одигрување на еден официјален натпревар во рамките на ФИБА. Како што тоа беше примерот на последниот натпревар, против селекцијата на Данска. А во меѓувреме, како и досега, ние секогаш ќе бидеме љубезни домаќини“, се вели во соопштението на КФМ.

Средбата помеѓу Македонија и Норвешка од претквалификациите за ЕП 2025 се игра вечерва во салата „26 април“ од 19 часот, со директен пренос на регионалната телевизија Спортклуб. Двете селекции имаат скор 2-0 во група во која се уште Словачка и Данска, од која само првопласираниот ќе се пласира во квалификациите.