Јончевски: Можевме и до поинаков епилог, но и покрај сè – честитки за момците!

Кошаркарите на Македонија претрпеа и втор убедлив пораз во пресметките со Грузија (65-79), овој пат на домашен терен, во меч во кој прикажаа подобра игра во однос на дуелот во Тбилиси (70-91), што, сепак, не беше доволно за прв триумф во квалификациите за СП 2023.

Александар Јончевски, кој одново беше во улога на предводник од клупата наместо селекторот Драган Бајиќ (позитивен на Ковид-19), е свесен дека крајниот резултат лесно можеше да биде поинаков.

„Заслужена победа на Грузија, но имавме и ние наши моменти и мечот можеше да има и поинаков епилог. Сакам да им честитам на играчите и да им се заблагодарам затоа што покажаа почит кон националниот тим во овој тежок момент. Вечерва не го контролиравме скокот, но го затворивме противникот да поентира од поле. Но, во последните моменти тие заиграа подобро и го завршија мечот во нивна корист. Имавме наши моменти, отворени шутеви, можеше да биде поинаку ако погодевме некои од положувањата кои ги промашивме. Ова не е најдобриот тим на Македонија, но морам да им честитам на сите зашто го дадоа максимумот“, изјави Јончевски.

Жолто-црвените имаат скор 0-4 во пресрет на последниот циклус средби на почетокот од јули, кога прво ќе ѝ гостуваме на Шпанија (1 јули), па ќе ја пречекаме Украина (4 јули).