Јончевски: Ја „прочитавме“ Норвешка, ова е голема победа на целиот тим!

Македонската кошаркарска репрезентација направи голем исчекор на патот кон посакуваниот пласман во квалификациите за ЕП 2025, откако вечерва, многу поубедливо од што се надеваше, ја прегази Норвешка (58-36) и остана единствена непоразена во нашата претквалификациска група.

Ова значи дека и селекторот Александар Јончевски останува без пораз на новата функција, докажувајќи дека со право беше назначен за наследник на Драган Бајиќ. Тој по средбата го анализираше триумфот, потенцирајќи ја добрата игра во одбраната.

„Добро ја 'прочитавме' Норвешка и ја стопиравме нивната транзиција, преку која најчесто постигнуваа поени на претходните дуели против Словачка и Данска. Тие не постигнаа ниту една тројка од 21 обид, а тоа е заслуга на целиот тим и на енергијата што ја внесовме. Добро се подготвивме, имавме контрола уште на старт и тој ритам ни одговараше. Задоволен сум од новакот Шортс, кој одигра како што очекувавме и како што се надевавме. Осумте поени можеби не се кој знае колку, но впиша и осум асистенции, организираше и беше ангажиран во одбраната. Деновиве му помогнавме да се вклопи во групата и мислам дека успеавме. Се крена голема прашина околу неговата натурализација, но треба да им се даде заслуга на сите наши кошаркари. Вечерва победивме со сите дванаесет кошаркари“, изјави селекторот.

Македонија вториот меч од ноемврискиот циклус, во кој настапуваме без Ненад Димитријевиќ, Андреј Јакимовски и Кристијан Николов, ќе го одигра в недела против Данска, исто така во Гевгелија.

„Очекуваме тежок меч и против Данска. Не треба да нѐ залажува нашата победа во гости. Треба да останеме со бистри глави и со максимален ефект да ја завршиме работата и во втората третина од претквалификациите. Свесни сме дека било каков кикс ќе нѐ врати назад. Ќе го анализираме нивниот денешен натпреварот и ветувам ангажираност и в недела“, заврши Јончевски.

Данска е единствената селекција во групата без победа, откако загуби вечерва на гостувањето кај Словачка (70-74).