Го „фати“ последниот воз: Антиќ по 560 дена се „смилува“ да одржи - Собрание на КФМ!

Првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија, Перо Антиќ, за само еден месец ја избегна можноста за влез во историјата како прв претседател за чиј мандат не е одржано редовното Собрание, откако повеќекратно „вадење“ поради пандемијата со коронавирусот реши да ги собере клубовите на едно место.

Состанокот на највисокиот орган во македонската кошарка е закажан за 10 декември, на локација која дополнително ќе биде утврдена во зависност од моменталната ситуација со Ковид-19 во земјата, со што одново се остава простор за можна калкулација со евентуално (не)одржување. Ако сѐ биде во најдобар ред, тоа ќе биде можеби најдолгата пауза помеѓу две редовни Собранија на КФМ во историјата, со оглед што минаа точно 560 дена од претходно одржаното лани во мај, а на кое Антиќ беше избран за предводник на макбаскетот.

Токму поради ова, повеќе од половина од точните на дневниот ред се усвојување на записниците од Вонредните собранија одржани во меѓувреме по дописен пат, најчесто со една точка чие усвојување било итно. Интересното доаѓа на крајот, а тоа се точките за Извештајот за работата на КФМ во 2019 година и Финансискиот извештај на КФМ за 2019, за кои клубовите сигурно ќе имаат што да дебатираат, со оглед на многуте проблеми на кои бевме сведоци во изминативе 560 дена помеѓу двете собранија.

На крајот следува и промена на Статутот на КФМ, во делот на точката 5 каде што се споменува седиштето на Федерацијата, со оглед на неодамнешната преселба на КФМ на нова адреса.