ФИБА не дозволува против Романија да играме како - Северна Македонија!

Кошаркарска репрезентација без разлика што е првата спортска национална селекција со официјален меѓународен натпревар по смената на името на државата, сепак, нема да ја има „честа“ да го сефтоса новиот уставен назив туку утре против Романија во Плоешти ќе настапи со акронимот ФИРОМ во записникот.

Причина за ова е фактот што Светската кошаркарска федерација (ФИБА) сѐ уште ја нема „одобрено“ Северна Македонија, па сѐ додека не го стори тоа ќе мора да играме на досегашниот начин – без име на државата на дресот и со безличната кратенка од три букви (МКД) со која сме заведени во нивниот регистра на членки.

„ФИБА сама не решава за вакви осетливи ситуации каква што е промената на името. За да се случи таква работа, прво мора да добиеме известување и потврда од Интернационалниот Олимписки Комитет. Сѐ дотогаш, статус-кво ситуацијата останува, односно кон вашата држава ќе се обраќаме со акронимот ФИРОМ (Поранешна југословенска република Македонија на англиски јазик – н.з.) или со кратенката МКД која е призната од ИОК“, се вели во писмениот одговор кој го добивме од отсекот за односи со јавноста во ФИБА.

Со оглед што следните обврски на национален тим се дури во септември, слободно може да се каже дека пресметката со Романија ќе биде последната за кошаркарската селекција според ваквиот безимен принцип. Од настапот на избраниците на селекторот Јорданчо Давитков ќе зависи дали првиот кошаркаски натпревар на Северна Македонија ќе биде против елитна селекција во квалификациите за ЕП 2021 или, пак, со „пацери“ против кои ќе мора да играме во третиот круг претквалификации.

За да дојдеме до елитата потребна ни е победа утре во Плоешти, но доволен ни е и пораз со најмногу 14 поени разлика.