Естонија нѐ врати назад: Кошаркарите ќе играат претквалификации за СП 2023!

Македонската кошаркарска репрезентација остана без пласман на ЕП 2022 по денешната пирова победа над Естонија (86-84), но истовремено направи и чекор назад на европската листа на национални селекции, поради што ќе мора да игра во втората фаза од претквалификациите за СП 2023.

Според системот за натпреварување на ФИБА, осумте селекции кои беа последни во квалификациските групи, ќе мора да минат прелиминарен филтер пред да дојдат во можност да се борат со најдобрите и тоа заедно со четирите репрезентации кои настапуваа во првата претквалификациска фаза. Тоа значи дека жолто-црвените повторно спаднаа на натпревари против тимови како Исланд, Словачка, Португалија и Белорусија, кои беа најдобри во овој прв круг. Покрај Македонија, во оваа фаза на патот кон Мундобаскетот се најдоа и Австрија, Летонија, Црна Гора, Романија, Шведска и Швајцарија, а последното место ќе биде пополнето со поразениот од вечерашниот дуел помеѓу Литванија и Данска.

Овие 12 национални тимови ќе бидат поделени во четири групи со по три селекции, во кои ќе се игра според принципот „дома-гости“ (ако биде можно). Избраниците на селекторот Тодоров на патот кон бегството од „деветиот круг од кошаркарскиот пекол“ ќе ги одмерат силите со една репрезентација од тие што играа квалификации и една од тие што беа најдобри по првата фаза од претквалификациите.

Двете најдобри селекции од секоја од овие претквалификациски групи ќе се најде во квалификациите за СП 2023. Овие натпревари би требало да се одиграат во ноември 2021 односно февруари и ноември 2022 година.