Дебитант кој до скоро играше во АБА2 ѝ донесе злато вредна победа на Србија!

Кошаркарите на Србија со драматична победа на домашен терен против Летонија (101-100), обезбедена буквално во последните секунди, ги почнаа квалификациите за СП 2023 во кои влегоа со голем број дебитанти и со само една вистинска ѕвезда – Милош Теодосиќ.

Поради не можноста да настапат играчите од НБА и од Евролигата, улогата на херој му припадна на 34-годишниот дебитант, Марко Јагодиќ-Куриџа, кој го постигна победничкиот поен од слободно фрлање на 2,8 секунди. Претходно, соиграчот на нашиот Џејкоб Вајли во Будуќност одлично се позиционира во рекетот, по што доби помалку сомнителен прекршок и две „слободни“.

Првото го погоди, а второто намерно го промаши, со што на противникот не му остави шанса да се надева дека може да направи нешто повеќе во двете секунди кои му останаа. Јагодиќ-Куриџа е добро познат и на македонската јавноста, со оглед што до пред три години играше во АБА2, каде што во дресот на Приморска водеше тешки битки со МЗТ Скопје за промоција во јадранската елита.

Летонците долго ќе жалат за пропуштената шанса за триумф во Белград, со оглед што водеа во поголемиот дел од средбата, а во последната четвртина имаа водство и со највисоки седум поени разлика (86-79). Теодосиќ со 21 поен и девет асистенции беше најдобар кај Србија, херојот Јагодиќ-Куриџа дополни со 16 поени, додека Ломас со 33 поени беше убедливо најдобар кај гостите.

ДЕНЕШНИ РЕЗУЛТАТИ - 1. КОЛО: Белорусија – Турција 84-70, Израел-Полска 69-61, Словачка-Белгија 57-83, Германија-Естонија 66-69, Велика Британија-Грција 78-69, Србија Летонија 101-100, Шведска-Финска 72-62, Хрватска-Словенија 74-76.