Заработката е огромна: Партизан е чудо – продаде преку 16.000 сезонски билети!

Екипата на Партизан продолжува да поставува стандарди во европската клупска кошарка, па по сезоната во која беа срушени бројни рекорди, претседателот на клубот, Остоја Мијаиловиќ, денеска откри дека за следната сезона досега се продадени неверојатни 16.124 сезонски билети.

Тоа е апсолутен рекорд за регионалната, но веројатно и за европската кошарка, а само од продажбата клубот заработи околу шест милиони евра, кои се веќе на сметката на црно-белите. Сето ова е постигнато без да биде поделен ниту еден бесплатен билети.

„Ниту еден билет не беше поделен бесплатно, освен многу малку за спонзорите, кои беа само неколку стотини, а и 'Гробари' купија 2.000 билети и вчера ги платија сите. Оставивме само мал број билети за продажба пред натпреварите“, изјави Мијаиловиќ.

Првиот човек на Партизан откри дека буџетот е значително зголемен за претстојната сезона и тоа за една четвртина во однос на ланскиот. Тој потоа проговори за целите на клубот.

„Целите се пласман во Топ 8-фазата во Евролигата, со желба за борба за место на фајналфорот и секако сакаме пак да ја освоиме АБА лигата. Целите се практично исти како и минатата сезона. За нас е голем проблем е да формираме добар буџет без пари од ТВ права. Грчките клубови добиваат и до девет милиони евра, а Партизан ниту цент од правата за преноси. Мора да се бориме за постојана позиција во Евролигата, а во 2025 година дај Боже да бидеме постојан член, па би добивале пари од оваа ставка. Бевме најгледаниот клуб од сите во АБА и Евролигата и мислам дека нешто заслужуваме за тоа“, дополни првиот човек на црно-белите.

Партизан и сезонава своте натпревари како домаќин ќе ги игра во „Штарк Арената“ во Белград, чиј капацитет е околу 22.000 седишта.