Јуниорскиот состав на МЗТ Скопје продолжува да реди победи на полуфиналниот турнир од АБА-лигата за играчи до 19 години, откако претпладнево, со сигурна игра во текот на сите 40 минути, со совлада домаќинот Задар (80-71).

Ова е втор триумф во низа за „штркчињата“ од Аеродром, со оглед што во синоќешниот прв натпревар го совладаа Морнар од Бар. Избраниците на тренерот Горан Крстевски апсолутно заслужено дојдоа до големиот триумф против еден од расадниците на таленти во Хрватска, постојано имајќи ја контролата врз играта и резултатот.

Дарио Митевски беше најрасположен за поентирање и со 17 постигнати поени беше најефикасен кај „металците“, а тој беше стрелец на пет клучни поени во низа на две минути до крајот, кога македонскиот тим успешно го одби последниот налет на противникот за евентуален пресврт. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Никола Кацарски со 16 и Никола Орлов со 13 поени.

Следниот предизвик за МЗТ Скопје е најголемиот фаворот во групата, екипата на Црвена звезда, со која ќе ги одмери силите вечерва со почеток во 20.45 часот. Утре, пак, сино-белите ќесе сретнат со Цедевита Олимпија (11.45 часот), додека в недела ќе финишираат против Копер Приморска (11.45 часот).

Пласман на финалниот турнир ќе обезбедат двете првопласирани екипи на крајот на табелата.