ТФТ го „прегази“ Куманово и му се реваншира со камата за поразот во првиот меч во БИБЛ!

Кошаркарите на ТФТ продолжуваат со одличните игри во новата сезона, особено во Балканската лига (БИБЛ), откако вечерва дојдоа до вториот триумф во третиот меч и тоа во пресметката со Куманово (83-54).

Тоа беше своевиден реванш со камата за поразот во првиот меѓусебен натпревар од регионалното натпреварување. Гостите единствено што направија беше да поведат со 7-0, по што составот од скопската населба Тафталиџе ја презеде контролата врз играта и резултатот, за огромни плус 24 (49-25) на полувремето. Домаќинот на стартот од последниот период ги имаше и највисоките плус 34, за потврда на веќе освоените два бода.

Лахланд Андерсон беше најпрецизен кај ТФТ со 30 поени и седум скока, додека Тајрон Харис додаде 18 поени со седум скока и осум асистенции. Кај кумановци, Александар Андрејевиќ постигна 15 поени со 11 скока.