Се „крчка“ нова регионална лига во која ќе гледаме македонско-грчки пресметки!

Предлогот што првиот човек на бугарската кошарка, Георги Глушков, неодамна го испрати до својот колега од Македонија, Перо Антиќ, за формирање заедничко натпреварување полека прераснува во иницијатива за нова регионална лига во која покрај тимови од овие две земји ќе настапуваат и екипи од Србија и од Грција.

Замислата е да се направи своевиден пандан на АБА, кој воедно би ја истиснал Балканската лига (БИБЛ), која полека, но сигурно го губи своето значение и прераснува во првенство на тимови од териториите на кои доминираат етнички Албанци. Глушков денеска изјави дека е веќе во преговори со предводниците на федерациите на останатите три држави и дека најдоцна до 15 јули ќе го изнесе точниот план за формирање на новото натпреварување.

Начелно, планот е во новоформираната лига да настапат најдобрите македонски и бугарски тимови, како и екипи кои гравитираат на просторот на Јужна Србија и на Северна Грција, пред сѐ од Солун и од Кавала.