„Сакавме да му ја скршиме главата на Дражен, за Ц. Звезда да стане првак!“

Навивачите на белградска Црвена Звезда, популарните Делии во 80-те години сакале да го претепаат „кошаркарскиот Моцарт“, легендарниот Дражен Петровиќ, зашто нивниот тим не можел ни да припари до шампионска титула во ерата кога Дражен со Цибона доминираше во поранешна Југославија.

Еден од водачите на Делии и основач на подгрупата „Ултрас“, Зоран Тимиќ – Тима во својата автобиографија откри како испланирале сѐ за да „му ја скршат главата на Дражен“, а со тоа на Ц. Звезда да ѝ го олеснат патот кон шампионската титула, зашто со легендарниот плејмејкер шансите за такво нешто биле – невозможни.

Своевремено Петровиќ, кој служел војска во Белград се споменувал како можно засилување и на Партизан и на Ц. Звезда, но ја одврал Цибона која во тоа време беше најсилен тим во екс-Југославија, а потоа во дресот на загрепчани со неговите настапи дополнително ги фрустрирал приврзаниците на црвено-белите.

„Во тие години Цибона доминираше во европската кошарка. И ние бевме добри, ама не можевме да ѝ парираме на таа шампионска генерација. Тешко ни паѓаше тоа, нѐ фрустрираше. А, одевме постојано на кошарка, на сите гостувања во Загреб... Но, постојано губевме“, ја почнува приказната Тимиќ во својата автобиографија.

„Имавме база во Загреб, стан во Медулиќева, беше зима од сезоната 1985/86, седејќи разговаравме што може да направиме за да ги симнеме од тронот. Јасно беше дека нивна главна осовина беше Дражен. И ни падна на памет дека би било добро малку да го уплашиме, или да му се заканиме. Па тргнавме да го следиме. Само во тоа време немаше мобилни, бевме без автомобили, па тешко беше сето тоа.

Три-четири дена го следевме, пешки, со такси, трчајќи. Го следевме кога излегуваше од дома, кога одеше на тренинзи, навечер излегуваше во некое кафуле... И во тек на акцијата идеите ни се радикализираа, па од обично заплашување дојдовме до идеја лесно да го натепаме па се до најрадикалното да му ја скршиме главата или коленото, за да не може да игра на клучните мечеви“, објаснува Тимиќ.

Но, за среќа ништо од планот не се остварил.

„Една работа заклучивме дека Дражен никогаш не е сам, што беше потешкотија. Секогаш беше со некого, или со некоја девојка или со друштво од клубот. Ги дознавме сите детали од дневното движење, до детал разработивме сѐ, место каде да нападнеме, каде да се евакуираме после акцијата. После сето тоа следење, се вратив во Белград и се договоривме да се слушнеме и да се видиме непосредно пред решавачките мечеви. Епологот? Не се оствари. Звезда таа година не дојде ни до финале, па немаше поента да се реализира акцијата“, објаснува Тимиќ.