Сензација уште во првото коло - Задар ја потопи Звезда во „Пионир“

По двата пораза во Евролигата, Црвена Звезда денеска загуби на домашен терен и од Задар, во првиот меч од АБА.

Шампионот на Хрватска направи сензација во Белград, славејќи со 85-79, но пропушти шанса да го понижи фаворитот бидејќи на минута пред крајот имаше и +11 и добра можност да оствари двоцифрена победа. Звезда во последните секунди постигна пет поени, колку да го ублажи поразот иако тоа е далеку од критериумите на навивачите кои експресно побараа заминување на управата.

Домашниот тим во игра само во првите минути кога водеа со 8-3 и 11-6, нешто подоцна Задар направи серија од 11-0 и потоа не ја испушти предноста до крајот. Звезда неколку пати се закани, дојде на посед негатива, ама не успеа ни да израмни, ни да го преземе водството.

Михаиловиќ и Жганец доминираа, постигнаа 21, односно 18 поени, додека Изунду беше најефикасен кај Звезда со 15. По овој пораз сериозно се тресе столчето на Јанис Сферопулос кој би можел уште вечерва да добие отказ на тренерската функција.