Олимпијакос сака да се пресели во лига каде што би можел да игра и против – МЗТ Скопје!

Големиот скандал кој пред неколку дена се случи во грчката кошарка, кога беше прекинат мечот од Купот на Грција помеѓу големите ривали Панатинаикос и Олимпијакос поради незадоволство на црвено-белите од судењето, би можело да донесе го спректакуларен трансфер на овој тим во – АБА-лигата.

Според српските медиуми, челниците на поранешниот тим на Перо Антиќ прво побарале на секој следен меч со „зелените“ да им судат странски судии, а откако тоа не им било усвоено се заканиле со истапување од лига и приклучување кон јадранското натпреварување. Тоа би претставувало повторување на ситуацијата од пред десетина години кога во АБА играше израелскиот тим Макаби Тел Авив.

Познавајќи ги состојбите во регионалната лига, речиси и неверојатна е една ваква опција, уште повеќе ако се знае дека единствен влез во моментов е преку АБА2. Но, кога парите се во прашање, а со Олимпијакос сигурно би дошле и многу пари, сето тоа би можело да падне во вода.

Ако по некоја случајност сето ова стане реалност, тогаш лесно би можело да дојде до пресметка на гигантот од Атина со нашиот МЗТ Скопје, кој е во повеќе од солидна ситуација во моментов преку АБА2 да се врати во елитното натпреварување на просторот на поранешна СФРЈ.