Во отсуство на шампионот: Хрватско-црногорско финале во Суперкупот на АБА!

Кошаркарите на Цедевита и на Будуќност ќе ги одмерат силите во утрешното финале од Суперкупот на АБА во Бар, откако вечерва победија во полуфиналните пресметки против Мега Бемакс (99-96) односно против Морнар (82-65).

Хрватите тешко дојдоа до победата и тоа во меч со неизвесен финиш иако во еден момент во третиот период имаа позитива од 22 поени. Но, кога им застана шутот тоигаш младите играчи на Мега почнаа да летаат по теренот, поради што целосно се вратија во средбата, но, сепак, немаа сили и за чудо. Српските кошаркари најголемата шанса ја имаа при негатива 91-92 кога Александар Лазиќ не реализира слободни фрлања кои може да им го донесат водството.

Во второто финале се очекуваше многу поголема борба и неизвесност, но фантастичниот старт на Будуќност беше причина за нивната лесна победа во овој дуел. Црногорскиот шампион брзо дојде до плус 20 што им донесе мирна завршница во пресметката со лутиот ривал од Бар.

Финалето се игра утре, за кога се закажани и дуелите за петтото односно третото место помеѓу Игокеа и Партизан односно Мега Бемакс и Морнар. На турнирот не настапува актуелниот шампион Црвена звезда поради учество на евролигашки турнир на Крит.