Обрадовиќ жестоко удри по АБА: Лигата е смешна, не знам што бараме во неа!
Во завршницата од мечот, неколку контроверзни судиски одлуки предизвикаа незадоволство кај играчите и стручниот штаб на Партизан. Популарниот Жоц истакна дека токму тие моменти биле причина за неговите реакции.
„Добив техничка грешка без претходно предупредување, само зашто на англиски јазик кажав дека имаше фаул во напад. Од друга страна, видовме предупредувања пред техничките грешки. Јасно беше дека станува збор за фаул во напад, што и го потврдив по натпреварот. Имаше и апсурдни ситуации – еден судија свири едно, другото спротивно, па на крај вториот ми се извинува дека погрешил“, изјави Обрадовиќ.
Тренерот на Партизан го насочи вниманието и на нееднаквите стандарди во АБА лигата и Евролигата, укажувајќи на разликите во организацијата.
„Зошто зад нашата клупа има заштитна ограда, а тоа не постои во Евролигата? Постојат два аршина. Кога мене ме навредуваат, играта продолжува. Во спротивен случај, натпреварот се прекинува“, дополни легендарниот стратег.
Тој го заврши излагањето со ироничен коментар за квалитетот на лигата.
„Среќа е што шампионот во АБА лигата не добива директно место во Евролигата.“
Последните две сезони победниците во АБА добиваа специјални покани за учество во Евролигата, но Црвена Звезда и Партизан сè уште се борат за долгорочни лиценци. Ако тоа се случи, постои можност српските клубови целосно да ја напуштат АБА лигата, што би можело да доведе до нејзино згаснување.