Јуниорскиот тим на МЗТ Скопје остана без пласман на фајналфорот во АБА-лигата, откако во денешното последно коло, по голема борба, загуби во пресметката со Приморска (82-87).

Заморот како да ги стигна талентите од Аеродром и тоа во најлошиот можен момент на полуфиналниот турнир во Задар. Мало разочарување донесе и неочекуваниот пораз на Цедевита Олимпија од најлошиот тим Морнар, со оглед што ако резултатот беше спротивен тогаш ќе имаа можност дури и да загубат во пресметката со составот од Копер до шест поени разлика. Tоа и ќе беше доволно за пласман меѓу четирите најдобри, што за жал на „штркчињата“ не се случи.

Дарио Митевски со 22 поени беше најпрецизен кај МЗТ, додека Виктор Исајловски средбата ја заврши со 16 поени. Македонскиот претставник на крајот заврши на третото место на табелата, додека избраниците на тренерот Горан Крстевски покажаа дека се светла иднина не само на клубот од „Јане Сандански“ туку и на македонската кошарка во целост. Исто така, ќе остане запаметено дека ги победија АБА-лигашите Задар, Морнар и Цедевита Олимпија.