МЗТ вторпат „тесно“ загуби од Хелиос, судиите со измислена намерна го решија мечот (ФОТО)
Аеродромци беа лоши во првото полувреме, за што сведочи двоцифрената негатива во која се најдоа пред одморот (39-26), но во продолжението заиграа многу подобро, но немаа среќа на крајот. Сино-белите веднаш изедначија и тоа со 13 поени во низа на стартот од третиот период, по што следуваше неизвесен меч во кој македонскиот тим ја презеде иницијативата на крајот и во неколку наврати имаше и плус четири.
Клучниот момент се случи на влезот во последната минута, кога Американецот Дион Едвин при водство на МЗТ со 67-66 не реализира зицер од под самиот кош, а потоа престрого му беше досуден неспортски фаул за несвесно движење со раката. Судиите и претходно имаа неколку сомнително одлуки на штета на гостите од Скопје, со што и тоа како влијаеја врз крајниот резултат. Следуваа две прецизно изведени слободни на домаќинот (68-67), па одлична одбрана на „металците“, но последниот напад беше одигран лошо, без вистинска идеја, па заврши само со блокада врз Слај за трет пораз во четвртиот меч за составот од Аеродром во АБА2.
Едвин со 16 поени и по пет скока и асистенции беше најдобар кај тимот од „Јане Сандански“, а веднаш зад него беше Брендон Слај со 15 поени, како единствени двајца кај нашиот шампион со двоцифрен поентерски учинок. Хелиос сега има скор 4-0 и веќе е во втората фаза од регионалното натпреварување, додека МЗТ Скопје има 1-3 и за да дојде до второто место му требаат победи над Цедевита јуниор дома и над Теодо во гости, но и триумф на вечерашниот противник од Домжале во пресметката со хрватскиот тим од Загреб.
Вечерва во АБА2 игра и Работнички и тоа на гости кај Босна. Пелистер, пак, својот меч од четвртата рунда ќе го одигра следниот вторник на гости кај Џокер.