МЗТ Скопје „брка“ полна сала за мечот на сезоната против Задар!

Кошаркарите на МЗТ Скопје, утре, на домашен терен против Задар (18 часот), ќе го одиграат дефинитивно натпреварот на досегашниот дел од сезоната, со оглед што со евентуална победа ќе се вратат во елитното јадранско друштво, поради што одредија симболична цена на билетите за овој дуел – 50 денари.

Сино-белите триумфираа во првата пресметка од баражот за влез во АБА минатиот четврток на теренот на противникот, поради што дојдоа во пол-позиција по само 365 дена одново да се најдат во друштво на екипи како Црвена звезда, Партизан, Цедевита, Будуќност... Брејкот во Задар сега треба да се потврди и во „Јане Сандански“, поради што од таборот на МЗТ доаѓа апел до навивачите да дојдат во што поголем број за да им помогнат да дојдат до огромниот триумф.

„Ова дефинитивно е најважниот меч во досегашниот дел од сезоната во кој и тоа како ни е потребна помош од трибините. Затоа, дојдете во што поголем број да им дадете поддршка на избраниците на тренерот Кочов да го потврдат 'брејкот' од првиот меч во Хрватска“, објавија од таборот на „металците“.

Евентуалната „мајсторка“ во оваа бараж-серија би се играла на 30 мај во Задар.