МЗТ Скопје ќе игра за третото место на турнирот во Лесковац!

Комбинираниот состав на МЗТ Скопје, во кој ги нема репрезентативците Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Кристијан Николов и Дамјан Робев, утре ќе игра за третото место на турнирот во Лесковац, откако вечерва загуби во пресметката со домаќинот Здравље (82-91).

Тоа беше изедначен дуел во поголемиот дел, со оглед што резултатот беше изедначен по крајот на првата (19-19) и втората четвртина (37-37). Заморот од кусата ротација ги стигна аеродромци во второто полувреме, во кое домаќинот резултатски се одлепи, иако македонскиот шампион се избори за неизвесен финиш во кој, сепак, немаа сили за целосен пресврт.

Дастин Вер со 20 поени и Бојан Крстевски со 17 поени и осум скока беа најдобри кај „металците“, каде што скоро 30 минути одигра 18-годишниот Димитар Иванов постигнувајќи девет поени. За одбележување е и настапот на 15-годишниот Бојан Величковски, кој доби десет минути да покаже што знае против двојно повозрасните ривали.

Противник на МЗТ Скопје во утрешното „мало финале“ ќе биде Вршац (16 часот), додека за пехарот ќе играат Здравље и Борац Чачак.