Македонскиот Новицки: Хрватите без повод објавија епски текст за – Тодор Гечевски!

Додека светот води тешка битка со коронавирусот, а во Хрватска и со последиците од земјотресот во Загреб и пожарите на островите, а во времиња кога екипата на Задар водеше грчевита борба за опстанок во АБА-лигата (пред прекинот), медиумите од овој град без никаква посебна причина се потсетија на – Тодор Гечевски.

Станува збор за еден од најдобрите македонски кошаркар на сите времиња, актуелен спортски директор во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) и можеби најдобриот странец во историјата на задарскиот клуб со огромна традиција. Гечевски во дресот на Задар настапуваше во периодот од 2004 и 2009 година, со кој двапати беше шампион на Хрватска, а трипати победник во Купот на оваа земја.

„Низ годините во дресот на Задар продефилираа огромен број странци, најмногу Американци, но еден Македонец остави неизбришлив белег. Долга руса коса, огромна пожртвуваност и мека рака – Тодор Гечевски“, се вели во воведот на текстот објавен денеска во специјализираниот за кошарка интернет-сајт „Крошарка“.

Без објаснување зошто баш денеска дописникот од Задар реши да напише ваков текст со суперлативи за македонската легенда, во текстот се потенцираат сите успеси кои овој тим ги оствари додека високиот центар настапуваше за клубот, како и фактот што тој бил ангажиран на барање на легендарниот Џузепе Ѓерѓа.

„Сјајниот Македонец во секоја од петте сезони минати во Задар имаше двоцифрен поентерски просек, а си замина со солзи потенцирајќи дека ќе му недостасуваат навивачите, сонцето и редовното рибарење. Од Задар отиде во ПАОК, па во МЗТ Скопје, а кариерата ја заврши во Работнички. Покрај сѐ, остана само приказната за еден од најдобрите странци во историјата на хрватската кошарка и еден од најдобрите во историјата на македонската. Тивок и повлечен, со големо срце и огромна кошаркарска интелигенција, Тодор Гечевски беше верзија за сиромашни на големиот Дирк Новицки“, дополнува хрватскиот автор.

Гечевски кариерата ја почна во кавадаречки Тиквеш, а покрај набројаните екипи има играно уште и за Никол Ферт, Аир Авелино и германски Хаген.