Магдевски: МЗТ нема што да загуби против тимот од соништата на Партизан!

Плејмејкерот на МЗТ Скопје, Андреј Магдевски, ќе биде единствениот на паркетот во понеделничкиот меч против Партизан (16 часот) кој знае како е да се игра за двата тима, со оглед што освен што ја мина младинската школа на црно-белите, во сезоната 2015/16 извесен период настапуваше и за сениорскиот состав на белграѓани.

Токму поради тоа, тој е интересен за српските медиуми, кои побараа негово мислење за претстојната пресметката од второто коло од АБА-лигата.

„Огромна е разликата од Партизан во мое време, кога клубот беше во финансиски проблеми и често менуваше тренери и сегашните црно-бели, кои имаат огромен буџет, звучни кошаркари и легенда како Жељко Обрадовиќ на клупата. Добро почнаа во АБА, ѝ дадоа сто поени на Цибона во Загреб, што доволно говори за нивниот квалитет“, вели Магдевски.

Македонскиот репрезентативец смета дека сино-белите нема што да загубат во пресметката во „Јане Сандански“.

„Се надевам на одлична кошаркарска атмосфера во понеделник и поддршка од нашите навивачи. МЗТ нема што да загуби на овој меч со оглед на квалитетот на противникот. Имаме обврска на домашна сцена пред овој дуел (утре против ТФТ-н.з.), по што енергијата ќе ја насочиме кон црно-белите“, дополнува плејмејкерот.

Магдевски сезоната во АБА не ја почна најдобро, со оглед што на гостувањето кај Црвена Звезда не постигна ниту еден поен со шут 0/6 од поле.