Куманово исфрлен од БИБЛ и повеќе не смее да учествува во лигата

Кошаркарскиот клуб Куманово неславно ги завршува настапите во регионалното кошаркарско натпреварување БИБЛ. Лигата реши да го исфрли нашиот тим поради неподмирување на обврските кон натпреварувањето, судиите и целосно потфрлање на организацијата на натпреварите. 

Иако кумановци пред извесно време ја информирале лигата дека ги решиле сите интерни проблеми во тимот и дека ќе продолжат адекватно со нивното учество во БИБЛ, сепак до последниот даден рок, 25 ноември, клубот не преземал практично ништо. 

Поради ова Куманово е исфрлен од БИБЛ и сите нивни досегашни резултати со останатите тимови во рамки на групата А ќе бидат избришани. На двата досегашни натпревари на домашен паркет запиша два порази.

Од БИБЛ соопштија дека Куманово по втор пат е исфрлен од натпреварувањето во тек на актуелна сезона, па затоа македонскиот претставник со сегашното раководство повеќе нема право да аплицира за настап во лигата.