Кочов: Не е лесно да водиш со 13 разлика, па да губиш и на крајот да – победиш!

Само Ѓорѓи Кочов знае како му беше за време на денешната пресметка на МЗТ Скопје против Работнички (84-82), во која неговиот тим од ѕвездените височини брзо падна во бездната, од која во последните минути успеа да се извлече и да победи.

Токму тоа го потенцира тренерот на „металците“, велејќи дека воопшто не е лесно да се направи таков пресврт.

„Ова беше интересно македонско дерби во АБА. Задоволен сум од поголемиот дел од мечот, но како да ни влезе 'вода во уши' која противникот ни постави зона, а кога не погодивме неколку шутеви, по што следеше пресврт. Факт е дека имавме контрола повеќе од 30 минути и дека заслужено победивме. Им честитам на моите кошаркари за карактерот, не е лесно да водиш 13 разлика, па да губиш, па во финишот да се вратиш и да победиш“, изјави Кочов.

МЗТ Скопје следниот меч на турнирот во Сараево ќе го одигра задутре против Ловќен (12 часот).