Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа третиот пораз во седмиот меч сезонава во АБА2-лигата, откако не го издржаа налетот на сѐ уште непоразениот Студентски центар (75-92) во последниот меч на вториот турнир што изминативе седум дена се играше во Бања Лука.

Аеродромци одлично се држеа во првите три четвртини, но снемаа енергија во последната, која ја загубија со 13 поени разлика (16-29) што беше и клучно за крајниот неуспех. Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов прикажаа далеку поголема енергија од претходниот дуел со Слобода Ужице, во кој исто така беа поразени, но немаа сили да го издржат пеколното темпо на амбициозниот тим кој важи за филијала на Будуќност.

Црногорскиот тим почна силно и обезбеди предност од 14 на стартот од вториот период (28-14), но сино-белите со брза игра и прецизни шутеви за тројка полека ја „топеа“ негативата, за дури и да дојдат до водство во третата четвртина (55-52). Но, не успеаја долго да го задржат моментумот, па противникот врати со серија 9-2 за преземање на водството, кое овој пат го задржаа до самиот крај.

Главна причина за поразот на МЗТ беа огромниот број загубени топки (вкупно 21), односно десет повеќе во однос на противникот, како и осумте промашени слободни фрлања (10/18). Хасани Гравет со 21 поен беше најпрецизен кај составот од „Јане Сандански“, додека Андрија Бојиќ дополни со 13 поени.

Аеродромци сега имаат скор 4-3 и се на делба на 4. позиција на табелата со уште четири тима. Работнички, пак, со службени 0-20 ги загуби трите средби кои требаше да ги игра во Бања Лука бидејќи не допатува поради проблеми со коронавирусот, па сега е препоследен на табелата со учинок 2-5.