Хрватите признаа дека намерно промашиле слободно за да ја избегнат – Србија!

Сомнителниот шут на Бојан Богдановиќ на мечот помеѓу Хрватска и Украина, кој според многумина делуваше дека е намерно промашен, предизвика реакции на социјалните мрежи, каде што беше потврдена оваа теорија на заговор, бидејќи ако најдобриот Хрват погодеше, тогаш „коцкестите“ ќе поведоа со осум разлика, па наместо трети ќе завршеа како втори во групата.

Овој подобар пласман ќе им донесеше потешки противници во нокаут-фазата, пред сѐ Србија и Словенија, додека сега прво ќе играат против Финска, а потоа против победникот од дуелот Шпанија-Литванија, што секако е подобра варијанта за тимот предводен од Дамир Мршиќ. Оваа теза беше потврдена и од хрватскиот репрезентативец, Иван Рамљак, по средбата.

„Секако дека зборувавме меѓу нас да ја избегнеме Србија во нокаут-фазата, не гледам ништо чудно во тоа“, изјави Рамљак.

Хрватите со осминафиналниот дуел против Финска добиваат шанса за реванш, со оглед што оваа селекција им го нанесе клучниот пораз во првата фаза од квалификациите за СП, поради кој наместо да го продолжат патот кон Мундобаскетот сега се приморани да играат во претквалификациите за ЕП 2025.