Гуровиќ го призна насилството: Сопругата ме плукна, па малку ја фатив за вилица!

Поранешниот српски репрезентативец, Милан Гуровиќ, за медиумите од северното соседство го призна насилството врз сопругата и ќерката поради кои ноќта ја минал во затвор и добил кривична пријава од полицијата, но ја префрли вината на спротивната страна, која го испровоцирала инцидентот.

Според него, сопругата сакала да го предимензионира инцидентот и да го прати неколку години во затвор, бидејќи тој побарал развод, а таа не го сакала тоа.

„Од поодамна сакам да се разведам, но сопругата не го сака тоа, па сака да ме намести за да завршам зад решетки. Не сака да ме напушти бидејќи јас сум Милан Гуровиќ и имам многу пари. Не сакам да се правдам, но сопругата е таа која ме нападна прва. Беше хистерична, врескаше и ме плукаше, по што ја фатив за вилицата и ја оттурнав“, изјави прославениот кошаркар, член на златната српска генерација од СП 2002 во Индијанаполис.

Неговата ќерка реагирала на нивната кавга и скокнала врз него.

„Ќерката, за која и животот би го дал, само ја оттурнав при што ја изгребав со нокт, па има мала расеченица. Сопругата тогаш повика Итна помош и викаше како да умира иако немаше ниту една модрица на неа“, дополни Гуровиќ.

Српската кошаркарска легенда зад себе има голем број скандали, меѓу кои се фрлањето со шише кон навивачите на Партизан додека настапуваше за Црвена звезда, плукање судија, како и учество во голема тепачка додека играше за полски Проком. И во кусата тренерска кариера има направено глупост, а тоа е оттурнување на кошаркар на Партизан додека седеше на клупата на ФМП.