Кошаркарите на МЗТ Скопје остануваат непоразени на домашен, откако вечерва, во неверојатно драматичен меч, со две прецизно изведени слободни фрлања на Ерон Харис на пет десетинки до крајот го совладаа Нови Пазар (89-87).

Сино-белите дојдоа до шести триумф по ред во Аеродром и со вкупен скор 8-2 го продолжија притисокот врз лидерот на табелата во АБА2-лигата, Борац Чачак. Тоа беше луда завршница, во која прво Џабари Хиндс излезе надвор од теренот во ситуација когаш домаќинот имаше напад за победа, по што следуваше кош за гостинот, кој беше поништен, а судиите покажаа две слободни за тимот од „Јане Сандански“.

Тоа беше натпревар во кој нападот беше посилна страна на двете екипи, поради што имаше чести промени во ритамот и серии поени на двете страни. Аеродромци подобро го почнаа натпреварот, отворија со 7-0, по што ја имаа предноста и иницијативата сѐ до пред крајот на првото полувреме. Гостинскиот тим во финишот од вториот период погоди неколку тешко шутеви што им донесе егал-ситуација на семафорот (46-46).

Српските кошаркари продолжија во ист стил и на почетокот на последната четвртина, која ја отворија со серија 9-2, која им донесе неочекувано високо водство (55-48) со оглед на претходните случувања на паркетот. Но, тоа како да ги подналути домашните кошаркари, кои вложија максимален напор за да се вратат во игра, по што тие успеаја да се изборат за резултатска изедначеност (70-70) во пресрет на решавачките десет минути.

Овој пат македонскиот шампион прв се „одлепи“ со седумте поени во низа на стартот од четвртиот дел од играта. Но, „металците“ не успеаја да ја надградат оваа предност, по што противникот повторно почна да им „дише во врат“, пред сѐ поради фантастичната игра во рекотот на поранешниот кошаркар на Гостивар, Александар Тодоровиќ. Тоа на Нови Пазар им донесе ново изедначување (83-83) во пресрет на последните сто секунди.

Јунакот Харис беше и најефикасен со 18 поени, Бојан Крстевски постигна 16 поени, додека Џабари Хиндс и Андреј Магдевски реализираа по 14 поени. Тодоровиќ средбата ја заврши со 23 поени.