„Гечевски е најголемиот мајстор, да тренираше напорно сигурно ќе играше во НБА!“

Александар Митровиќ е поранешна голема надеж на српската кошарка додека настапуваше за Партизан дури и во Евролига, а кој извесен период од кариерата мина и во дресот на Работнички.

Тој за српските медиуми, меѓу другото, се потсетува и на моменти додека го носеше црвено-белиот дрес на центарци, особено за, најголемиот мајстор, како што вели самиот – Тодор Гечевски.

„Големи кошаркарски мајстори играа во Македонија. Таму беше Тодор Гечевски, тој е најголемиот мајстор на сите времиња! Ако тренираше напорно цел живот, сигурно би играл во НБА лигата. Но, тој сакаше да запали цигара и да си оди во Кавадарци, каде што му е најубаво. Во Работнички беше и Чековски, 'исфрлувачот' како што го нарекувавме, кој исто така беше добар играч. Се разбира, не можам да заборавам на Милан Павковиќ, со кого беше убаво да се игра зашто ја разбираше кошарката“, раскажува српскиот интернационалец.

Митровиќ за Работнички настапуваше во 2015 година Митровиќ, по што замина во Бугарија, во екипата на Академик Пловдив, а изминатиов период настапува во државите од Блискиот Исток.

Гечевски, пак, е еден од најдобрите македонски кошаркари во историјата. Кариерата ја заврши во Работнички пред пет години, освои пет шампионски титули во домашното првенство (2000, 2004, 2012, 2013, 2014), еднаш беше прогласен за МВП (2012) и е рекордер по бројот на настапи за репрезентацијата на Македонија (89).