Фер-одлука: Блокотехна местото во АБА2-лигата ќе му го отстапи на - Гостивар!

Екипата на Блокотехна нема да ја прифати евентуалната покана за настап во АБА2-лигата, која на нивна адреса би дошла по евентуална административна промоција на МЗТ Скопје во елитната јадранска конкуренција или, пак, одбивањето на Работнички да игра во ова натпреварување, пред сѐ поради желба да се фокусира на постепено враќање во врвот на макбаскетот по едногодишниот натпреварувачки пост.

Гевгеличани неочекувано влегоа во игра за место во регионалната лига како третопласирани во сезоната 2018/19, откако челниците на АБА-лигата донесоа интерна одлука пополнувањата за нивните првенства да се врши исклучиво по пласман од завршени натпреварувања. КФМ реши да го поништи прекинатиот шампионат поради пандемијата со коронавирусот и тоа без да прогласи шампион, поради што „јадранците“ решија поканите за македонските тимови да ги праќаат по табелата од претходната сезона. Така, во моментов можност за настап во АБА2 добија шампионот МЗТ Скопје и второпласираниот од лани Работнички, а во случај да остане празно место, пополнувањето би одело по редослед Блокотехна, Гостивар, Кожув и Куманово.

„Доколку добиеме покана за влез во АБА2, ќе се заблагодариме и ќе ја насочиме кон другите македонски прволигаши. Можеби ќе се гледа ранкингот од последната комплетирана сезона, како што постојат одредени најави, но не смее да се заборави дека ние една година воопшто не се натпреварувавме. Тимовите кои играа во минатото првенство треба да бидат во преден план, па така е чесно по МЗТ и Работнички меѓу кандидатите да се најде Гостивар, а потоа и останатите тимови“, ни изјавија од Блокотехна.

Поради едногодишното отсуство, составот од Негорци следната сезона ќе ја почне како второлигаш, поради што периодот ќе биде искористен за постопен развој на клубот, пред сѐ со кошаркари од регионот на Гевгелија. Тоа воедно значи и одбивањето да се биде дел од БИБЛ-лигата, од каде што веднаш стигнала покана, пред сѐ поради фактот што Блокотехна сѐ уште го има епитетот шампион во ова регионално натпреварување.

„Веднаш по најавата за враќање на кошаркарската сцена, добивме покана од БИБЛ, но нашата визија за клубот овојпат е сосема поинаква од таа што беше до пред две години. Целта ни е да развиваме клуб со кошаркари од Гевгелија и да им овозможиме беспрекорни услови за работа со што постепено би се развивале. Нема по секоја цена да бркаме влез во елитното друштво, сакаме клубот постепено да се развива и да се базира на играчи од Гевгелија. Желба ни е и тренерот да биде од овој регион, а доколку не успееме да најдеме таков кандидат со кој би се договориле, ќе разгледуваме опции за други македонски стратези“, дополнуваат од таборот на финалистот од последното издание на Купот на Македонија.

МЗТ Скопје и Работнички имаат рок до 15 јуни начелно да се изјаснат дали се заинтересирани да играат во АБА2, додека аеродромци до 15 јули ќе чекаат да видат дали Копер Приморска ќе најде пари да се спаси од финансискиот колапс или ќе им го препушти местото во јадранската елита.