Црногорците тврдат: МЗТ денеска ќе биде промовиран во член на АБА-елитата!

Клубовите кои се членови на Собранието на АБА, меѓу кои сѐ уште е и МЗТ Скопје иако изминативе две години се натпреварување во второлигашката јадранска конкуренција, денеска ќе одржат состанок преку видео-врска со цел да го прецизираат деталите за новата сезона, меѓу што најважно е дали Копер Приморска ќе има пари да игра во елитата како и кои тимови ќе се најдат во АБА2 за следната сезона.

Но и пред состанокот воопшто да почне, закажан е за од 11 часот, црногорските медиуми излегоа со свое инсајдерско предвидување, а тоа е дека денеска МЗТ Скопје ќе биде промовиран во член на АБА1, а дека Словенците ќе го загубат своето место. Причина за ова е наводно изгубената лиценца на домашна сцена и преселбата дури во Четвртата лига, што во моментов е само делумно точно бидејќи составот од Копер има право на жалба за која ќе се решава во текот на неделава. Само ако Приморска, која неофицијално имала долг од околу два милиони евра, официјално биде преселена во најнизок ранг, дури тогаш ќе може да се примени правилото дека во АБА не може да игра екипа која не е дел од највисокиот ранг натпреварување во својата држава.

Причина за ваквите шпекулации од Црна Гора е фактот што од оваа земја дури четири тима сакаат да играат во АБА2 и евентуалното префрлување на МЗТ Скопје во повисок ранг би отворило едно место повеќе за пополнување. Сутјеска и Ловќен се сигурно во ова натпреварување според пласманот на табелата, а заинтересирани се уште и Студентски центар и Подгорица, тимови кои имаат силни спонзори односно се втори тимови на Будуќност и на Морнар.

Засега е сигурно и дека Работнички ќе биде дел од второлигашката јадранска конкуренција, заедно со Слобода Ужице, Златибор (Србија), Широки, Спарс (БиХ), Горица (Хрватска), Хелиос (Словенија), Ловќен и Сутјеска (Ц. Гора). Можно е лигата на се прошири и на 14 екипи со оглед што има голем број екипи кои се подготвени да платат по 50.000 евра за вајлд-карта која би им донела влез во АБА2.