Антиќ по 15 години пак ќе игра против клубот во кој сака(ше) да ја заврши кариерата!

Трансферот на македонскиот интернационалец Перо Антиќ, во редовите на Црвена звезда е топ тема во европските кошаркарски кругови, а неговото враќање во црвено-белиот дрес ги возбуди и вљубениците во овој спорт кај нас поради можноста во живо да го видат во пресметката со МЗТ Скопје во рамки на АБА-лигата.

Тројниот европски шампион, двапати со Олимпијакос и еднаш со Фенербахче, повторно ќе биде дел од регионалното натпреварување, но овој пат со можност да гостува на официјален меч во една од македонските сали. Скопјани можноста да го видат Антиќ во живо во дуел со актуелниот шампион ќе ја имаат кон средината на јануари следната година за кога е предвидено доаѓањето на Ц. Звезда во арената „Јане Сандански“. Првиот, пак, дуел со аеродромци и тоа по пауза од повеќе од 15 години крилниот центар ќе ја има на 30 октомври во Белград.

Тоа ќе биде мошне интересно и од еден сосема друг аспект, а тоа е изјавата на Антиќ дека кариерата сигурно ќе ја заврши во дресот на МЗТ Скопје. Тоа се случи пред пет години кога беше присутен на трибините во старата „лименка“ и тоа облечен во сино-белиот дрес на „металците“.

„Факт е дека го сакам клубот од ’Јане Сандански’, а што ќе се случи во иднина, ќе видиме. Едно е сигурно, последниот натпревар во мојата играчка кариера ќе го одиграм како член на МЗТ“, изјави тогаш Антиќ за „Дневник“.

За поранешниот македонски репрезентативец ова ќе биде враќање во таборот на Ц. Звезда по пауза од една деценија со оглед што во црвено-белиот дрес играше во периодот од 2005 до 2007 година. Последниот официјален меч против македонска екипа му беше во 2001 година како член на Работнички, а пред заминувањето во грчки АЕК.

Фото: MKD.mk