Ужасна вечер за Никола Јокиќ – го доживеа најголемото понижување откако е во НБА (ВИДЕО)

Екипата на Денвер нагетс претрпе тежок пораз на домашен терен и тоа во пресметката со Њујорк никс (103-142), израмнувајќи го најтешкиот домашен пораз во историјата на франшизата – разлика од 39 поени, истата од мечот против Чикаго булс во 1998 година.

Почетокот не навестуваше вакво сценарио, откако „нагетси“ ја добија првата четвртина со 29-27, но потоа следеше целосен пресврт. Никс доминираа до крајот – ја добија втората четвртина со +15, третата со +12, а во последната додадоа уште +14, комплетирајќи убедлива победа. Единствен светол момент за домашниот тим беше Никола Јокиќ, кој беше прв стрелец на натпреварот со 38 поени, на кои додаде осум скока и пет асистенции. И покрај одличниот индивидуален учинок, српскиот центар го доживеа најтешкиот пораз во својата НБА кариера.

Дополнителен проблем за Денвер беше повредата на Џамал Мареј, кој пред крајот на првото полувреме незгодно нагази на ногата на Јокиќ и го повреди скочниот зглоб. Плејмејкерот со помош на соиграчите замина во соблекувалната, а по неговото излегување играта на Денвер целосно се распадна.

НБА вечерта ја одбележа и враќањето на Џејсон Тејтум на теренот. Ѕвездата на Бостон беше надвор од игра 298 дена поради повреда на ахиловата тетива, а многумина сметаа дека сезоната е завршена за него. Сепак, Тејтум се врати и помогна „келтите“ да го победат Далас маверикс (120-110), постигнувајќи 15 поени за 27 минути игра. Екипата на ЛА Лејкерс, пак, ја совлада Индијана пејсерс (125-117), а во центарот на вниманието беше Лука Дончиќ, кој постигна 44 поени, со 9 скока и 5 асистенции.

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот–Мајами 120-128, Бостон–Далас 120-110, Хјустон – Портланд 106-99, Денвер-Њујорк 103-142, Феникс – Њу Орлеанс 118-116, Сан Антонио – ЛА Клиперс 116-112, ЛА Лејкерс – Индијана 128-117.

ФОТО: FB / DENVER NUGGETS