„Ракетите“ како да играа ракомет: Хјустон шутна дури 61 тројка и влезе во – историјата (ВИДЕО)

Дека кошарката што се игра во НБА одамна е сведена само на шутирање од далечина и на голем број поени без речиси никаква дефанзива, се потврди и на синоќешните средби во кои кошаркарите на Хјустон рокитс влегоа во историјата и тоа поради фактот што шутнаа дури 61 тројка во победата против Милвоки бакс (120-116).

„Ракетите“ како да играа ракомет со оглед што речиси секој втор напад го завршуваа со далекуметен проектил, од кои погодија 21 пат односно со 34,4-отстотна прецизност. Ова беше втора победа во вториот меч за Хјустон по рестартирањето на сезоната, а најзаслужни за тоа беа Расел Вестбрук со 31 поен и осум асистенции и Џејмс Харден со 24 поени и по седум скока и асистенции. Кај „елените“, пропуштија шанса со триумф да го осигураат првото место на Истокот пред плејофот, најпрецизни беа Јанис Антетокумпо со 36 поени и Крис Мидлтон со 27 поени.

Сан Антонио спарс минимално го совлада Мемфис гризлис (108-106) и се искачи на деветото место на табелата во Западната конференција, односно на чекор до 23. пласман по ред во доигрувањето, што би било апсолутен рекорд во НБА.

РЕЗУЛТАТИ: Орландо – Сакраменто 132-116, Феникс – Далас 117-115, Бостон – Портланд 128-124, Мемфис – Сан Антонио 106-108, Хјустон-Милвоки 120-116.