Пипен го шокира светот: Џордан пред моето доаѓање беше – ужасен кошаркар!

Еден од најдобрите кошаркари во историјата на НБА, Скоти Пипен, ја шокира американската, но и светската спортска јавност со изјавата дека неговиот долгогодишен соиграч, Мајкл Џордан, бил ужасен пред неговото доаѓање во Чикаго булс.

Двајцата заедно дојдоа до шест шампионски титули со „биковите“, но во последно време Пипен често го напаѓа можеби најдобриот кошаркар на сите времиња со цел да ја зголеми својата улога во династијата на тимот од Илиноис. Според него, Џордан играл катастрофално во првите три години од кариерата во НБА, но дека станал многу подобар откако дошол тој во 1987 година.

„Го гледав Џордан, а и вие сте го гледале пред јас да дојдам во Чикаго. Тој беше ужасен кошаркар, кој само играше еден на еден и шутираше лошо. Со моето доаѓање одеднаш станавме тим и почнавме да победуваме. Сите забораваат кој беше Џордан во првите сезони, тогаш не беше ниту блиску до најдобрите“, изјави Пипен.

„Летечкиот Мајкл“ во сезоната пред да дојде Пипен меѓу „биковите“ имаше просек од 37,1 поен по натпревар, што беше негова најефикасна сезона во кариерата, заедно со 5,7 скока и 4,6 асистенции по меч. Пипен исто така смета дека Чикаго од 1996/97, кој сезоната ја заврши со скор 72-10, бил подобар тим од Голден стејт кога им го подобри рекордот со 73-9 во регуларната сезона и дека ако Џордан не се повлечел, сигурно ќе имале уште 2-3 титули.