Пипен е страшно лут на „пријателот“ Џордан поради документарецот „Последниот танц“!

Дури и неколку дена по прикажувањето на последните две епизоди, документарниот серијал „Последниот танц“, во кој се раскажува за последната шампионска сезона на Чикаго булс и за кариерата на Мајкл Џордан, е топ тема во светските медиуми, особено по последната информација за евентуална реакција од вториот најдобар играч кај „биковите“, Скоти Пипен.

Тој, наводно, бил ептен разочаран од начинот на кој бил прикажан во серијата, особено од коментарот на поранешниот соиграч дека бил себичен кога решил да се оперира непосредно пред почетокот на сезоната 1997/98 иако тоа коже да го направи неколку месеци претходно.

„Многу пати претходно, Џордан ја искажуваше својата почит кон Пипен, за кого јавно кажа дека е најдобриот соиграч кој го имал и призна дека немаше да биде толку моќен без него. Сепак, откако документарецот излезе на површина, Пипен е прилично тивок и извори блиски до него велат дека е навреден и разочаран од начинот на кој е претставен во 'Последниот танц'. Истовремено и страшно лут на Џордан“, вели Чек МекКмулан, американски спортски писател.

Пипен по освојувањето на петтата титула се обидел да изнуди подобар договор од раководството на клубот, со оглед што иако со играта можеби бил втор најдобар играч во НБА, тој бил дури 122. по висината на платата. Генералниот менаџер Џери Краус не сакал да го стори тоа, па тој ја пролонгирал операцијата за да му врати на клубот за немањето слух. Сите во клубот имале разбирање за потегот на Пипен, освен Џордан, врз кого паднал целиот товар во првите три месеци од сезоната.