Новинарка го обвини Лук Волтон за сексуален напад

Новиот тренер на Сакраменто кингс, Лук Волтон е во сериозни проблеми откако против него е покрената тужба за сексуален напад на жена. 

Инцидентот се случил во април 2016 година, кога Волтон бил помошник тренер на Голден Стејт, односно пред да биде назначен за главен тренер на Лос Анџелес лејкерс. Поранешната новинарка Кели Тенант е жената која го тужи Волтон за сексуалниот напад. Таа во периодот кога се случил инцидентот била дел од спортската мрежа на Лејкерс,  а Волтон често пати бил гостин како аналитичар.

Тенант требала да се сретне со Волтон во еден хотел во Санта Моника во близина на Лос Анџелес за да му остави копија од нејзината книга, за која поранешниот кошаркар напишал предговор. 

Бидејќи тој ден Волтон бил во Лос Анџелес со Голден Стејт, ја повикал новинарката да му се придружи во хотелската соба за да не биде забележен од кошаркарите на Вориорс. Веднаш откако Тенант влегла во собата, Волтон ја турнал на креветот, ја бакнувал со сила и ја допирал по телото. 

Од таборот на Голден Стејт и Лос Анџелес лејкер не сакаат да коментираат ништо околу случајот, бидејќи тогаш не биле свесни за овие обвинувања. Засега нема точен коментар ниту од Сакраменто кингс, каде Волтон пред две недели беше назначен за прв тренер.