Лука Дончиќ го израмни рекордот на Мајкл Џордан и тоа – без да игра!

Лука Дончиќ, се изедначи со легендарниот Мајкл Џордан на вечната листа играчи со најголем број трипл-дабл ефекти и тоа без да игра, односно дваесетина часа по завршувањето на последниот одигран натпревар, во кој Далас маверикс загуби од Милвоки бакс.

Словенечкото „чудо од дете“ средбата ја заврши со 28 поени, 13 асистенции и девет скока, но подоцна, со дополнително прегледување на снимката од средбата, луѓето од НБА му додадоа и десетти скок, што за него значеше 28. трипл-дабл, колку што имаше во кариерата шесткратниот шампион со Чикаго булс.

Дончиќ до оваа бројка дојде по само нешто повеќе од две сезони, додека на Летешкиот Мајкл за такво нешто му требаа 15 години. Прашање е само на време кога Словенецот ќе го престигне Џордан, а ќе се изедначи со Бен Симонс и Грент Хил, кои имаат едно повеќе вакво остварување од него. Апсолутен рекордер во оваа категорија е Оскар Робертсон со 181 трипл-дабл натпревари, а од активните играчи најдобри во оваа категорија се Расел Вестбрук (150), Леброн Џејмс (94), Џејмс Харден (46) и Никола Јокиќ (45), кои се наоѓаат пред Дончиќ.

Словенечкиот репрезентативец пред десетина дена изедначи уште еден рекорд на легендарниот Џордан и тоа по бројот натпревари во низа во кои имал најмалку 20 поени и по пет скока и асистенции.