Дончиќ израмни рекорд на Мајкл Џордан! (ФОТО)

Кошаркарите на Далас забележаа нова победа во НБА лигата, откако славеа на дуелот против Њу Орлеанс со убедливи 130-84. 

Лука Дончиќ на вечерашниот меч го стигна Мајкл Џордан по бројот на натпревари едноподруго на кои еден кошаркар имал барем 20 поени и по пет скока и асистенции. Џордан и Дончиќ имаат по 18 меча, а 20-годишниот Словенец на следниот меч може да постави и нов рекорд.

Неговата сестраност и бројките кои ги има сезонава, го прават ѕвезда каква што ретко се гледа, особено од некој што не е Американец, и има само 20 години.

На дуелот со Пеликанс, Лука за само 22 минути игра нареди 24 поени, шест скока и седум асистенции. Лука веќе има 2.000 поени во НБА, а за тоа му требаа 88 меча. Само Џордан побрзо стигна до таа бројка, а Дончиќ ги надмина Леброн Џејмс и Кевин Дурант кои досега беа на второ и трето место.